
Годишната инфлација во Србија во август изнесува 11,5 отсто, а месечната 0,4 отсто, објави денеска Републичкиот завод за статистика.
Во однос на декември 2022 година, цените на производите и услугите за лична потрошувачка, кои ја мерат инфлацијата, се зголемени за 6,4 отсто.
Гледајќи ги главните групи производи и услуги класифицирани според намената на потрошувачката, во август годинава во однос на претходниот месец, раст на цените е забележан во групите транспорт (2,8 отсто), рекреација и култура (1,6 отсто), ресторани и хотели (0,7 отсто), домување, вода, струја, гас и други горива (0,6 отсто) и здравство (0,2 отсто).
Пад на цените е забележан во групите Храна и безалкохолни пијалаци (0,5 отсто), Облека и обувки (0,3 отсто) и Комуникации (0,1 отсто).
Гледано на годишно ниво, зеленчукот најмногу поскапе од храната (34,5 отсто), потоа млекото, сирењето и јајцата (25,5 отсто). Од комунални услуги – отстранувањето на отпадните води поскапе за 20,2 отсто, а електричната енергија за домаќинствата за 21,6 отсто.
Пад на цените во однос на истиот период лани е забележан кај превозот на патници (-3,6 отсто), и аудио-визуелната опрема (-3,5 отсто).