Годишната стапка на инфлација во Аргентина надмина 200 отсто

24

Инфлациската криза во Аргентина ја надмина Венецуела како земја со најбрзо растечки цени во Латинска Америка. Годишната стапка на инфлација во Аргентина достигна 211,4 отсто во декември, објави во четвртокот тамошната агенција за статистика, потврдувајќи ја длабочината на економската криза со која се соочува земјата и нејзиниот нов слободарски претседател Хавиер Мајли.

На месечно ниво, цените во декември пораснале во просек за 25,5 отсто, наспроти растот од 12,8 отсто во ноември. Стапката на инфлација е најлоша од 1991 година, кога Аргентина излегуваше од период на хиперинфлација.

Додека претседателот Мајли ги подготвува Аргентинците за остри мерки за штедење чија цел е да се поправат годините на неодржливи популистички политики, цените продолжуваат да растат. Хронично високата инфлација во Аргентина главно произлегува од потпирањето на претходните влади на печатење пари за финансирање на трошоците – практика против која Мајли се спротивстави за време на кампањата. Но, ценовните притисоци се интензивираа во декември бидејќи Мајли го девалвира вештачки високиот официјален девизен курс на пезосот за 54 отсто и дозволи истекување на договорите за местење на цените. Двата потези имаа особено влијание врз цените на храната, пишува Фајненшл тајмс.