
Годишната стапка на инфлација во Германија во мај се зголеми од априлските 2,2 на 2,4 отсто, во согласност со претходната прелиминарна проценка, објави денеска германската Федерална статистичка служба (Дестатис).
Инфлацијата во Германија порасна за прв пат по пет месеци. Цените на енергијата во Германија во мај биле за 1,1 отсто пониски во однос на истиот месец лани, додека цените на храната пораснале за 0,6 отсто.
Услугите поскапеа за 3,9 отсто на годишно ниво, а растот на цените во овој сектор забрза во споредба со априлските 3,4 отсто.
Годишната стапка на базичната инфлација во Германија во мај изнесуваше три проценти, исто како и во април, што значи дека и натаму е најниска од март 2022 година. На месечна основа, цените во Германија во мај пораснале за 0,1 отсто.
Германската инфлација мерена со хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP) што го користи Еуростат се зголеми во мај од 2,4 отсто во април на 2,8 отсто и сега е највисока во последните четири месеци.











