Годишната стапка на инфлација во Шведска во јануари се зголеми на 5,4 отсто

16

Годишната стапка на инфлација во Шведска во јануари се зголеми на 5,4 отсто од декемвриските 4,4 отсто, објави денеска Шведскиот статистички институт СЦБ.

Пазарите очекуваа помал пораст на инфлацијата, на 5,1 отсто.

Цените на станбените и комуналните услуги во јануари пораснаа за 10,1 отсто на годишно ниво, што е значително забрзано од декемвриските 3,3 отсто, поради поскапувањето на струјата, месечните надоместоци за станови и хипотекарните трошоци за станбени згради, јавува Танјуг.

Наспроти тоа, цените на храната и на безалкохолните пијалоци пораснаа со побавно темпо, за 3,8 отсто на годишно ниво наспроти декемвриските 5,3 отсто, како и цените на транспортот за 0,9 отсто наспроти декемвриските 4,3 отсто.

Цените во категоријата Рекреација и култура се зголемени за 4,5 отсто на годишно ниво, во образование за 3,2 отсто, а цените на услугите во рестораните и хотелите се зголемени за 4,9 отсто.