Годишната стапка на инфлација во Турција во февруари изнесува 67,07 отсто, што е највисока во последните 15 месеци

15

Годишната стапка на инфлација во Турција во февруари се забрза од 64,86 отсто во јануари на 67,07 отсто, објави денеска турскиот институт за статистика Туркстат. Инфлацијата во Турција е највисока во последните 15 месеци.

На годишно ниво, во февруари, најмногу поскапеле услугите во хотелите, кафулињата и рестораните, за 94,78 отсто, како и во образованието за 91,84 отсто, здравството за 81,25 отсто и превозот за 77,98 отсто.

Храната и безалкохолните пијалаци поскапеле за 71,12 отсто, алкохолните пијалаци и тутунот за 63,09 отсто, а облеката и обувките за 43,44 отсто.

На месечно ниво, инфлацијата е повисока за 4,53 отсто во однос на јануари.

Годишната базна стапка на инфлација во Турција исто така забрза во февруари, од 70,48 отсто во јануари на 72,89 отсто, пренесува Танјуг.

На 22 февруари Централната банка на Турција одлучи да ја задржи референтната каматна стапка на 45 отсто, објавија медиумите. Претходно, почнувајќи од јуни 2023 година, банката осум пати по ред ја зголеми референтната каматна стапка за вкупно 3.650 базични поени.

Централната банка на Турција објави дека референтната каматна стапка ќе остане на сегашното ниво додека не дојде до значителен и одржлив пад на основниот месечен тренд на инфлација.