Годишните мерења на Макстил покажаа минимални емисиони вредности на цврсти честички

59

Мерењата на емисионите вредности на цврсти честички на Макстил се покажаа на минимално ниво и далеку пониски од граничните дозволени вредности. Компанијата, мерењата ги спроведе во континуитет од јануари до декември, во текот на цела 2021 година кога се работеше постојано, на двете контролни точки, во двата производни погони. Добиените резултати се споредуваат со референтните вредности пропишани од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Каде што дозволената гранична емисиона вредност е 30 mg/Nm3, на мерната точка „Оџак на Пескара“, во текот на цела година измерените вредности се движат од 0,32 mg/Nm3 во јануари до 7,63 mg/Nm3 во декември, додека највисоката вредност е измерена во ноември и изнесува, 11,93 mg/Nm3. Емисионите вредности на втората контролна точка „Оџак од филтер постројка“, каде пропишаната гранична емисиона вредност е 20 mg/Nm3, исто така во текот на целата година се околу десет пати пониски од дозволените и се движат од најниската 0,28 mg/Nm3 измерена во октомври до 2,47 mg/Nm3 во јуни, а највисоката што е измерена во јули изнесува 8,08 mg/Nm3 и е повеќе од двојно пониска од граничната.

Регистрираните вредности, на двете мерни точки се пониски и од дефинираните гранични емисиони вредности во А-интегрираната еколошка дозвола и од пропишаните европски гранични емисиони вредности. Ова е потврдено и од Државниот инспекторат за животна средина при чијашто контрола е констатирано дека нема отстапувања на емисиите од дозволените вредности. Инаку, Државниот инспекторат за животна средина во текот на целата година врши чести како најавени, така и ненајавени контроли на контролните точки.

Макстил, согласно својот општествено одговорен однос кон заедницата, а со цел максимално намалување на вредностите на емисија на цврсти честички спроведе обемни инвестиции во современи технолошки процеси за контролирање на производството и редуцирање на емисиите.