„Голдман Сакс“: Барел нафта во јули би можел да достигне цена од 140 долари

204

Барел нафта во јули би можел да достигне цена од 140 долари, што драстично би ги зголемило цените на горивата во Европа и светот, според прогнозите на американската инвестициска банка „Голдман Сакс“! Бидејќи цената на барелот сега е околу 120 долари, зголемувањето на 140 долари би значело и зголемување на цената на дериватите во малопродажбата за 15 отсто.

Цените на нафтата се забрзаа минатата недела, а американските експерти оценуваат дека и така високите цени на дизелот и бензините летово дополнително ќе се зголемат. Банката на Волстрит сега предвидува дека цената на суровата нафта од типот Брент ќе биде во просек 140 долари за барел меѓу јули и септември, во споредба со претходната прогноза од 125 долари за барел.

Со тоа би се покачиле цените на бензинските пумпи ширум светот. Цената секако ќе зависи од тоа кога е набавена нафтата, па се очекува од есен да дојде и поскапа нафта во малопродажба.

Тешко во Америка

САД и Велика Британија веќе бележат голем скок на цените на горивата. За прв пат во историјата, галон (околу 3,7 литри) обично гориво во САД чини во просек 5,75 долари. Тоа значи дека еден литар гориво сега чини 1,55 долари, додека наскоро оваа цена би можела да се искачи на 1,78 долари за литар.

Кога започна кризата, државниот просек беше 4,07 долари за галон, а сега е над 5 долари. Тоа претставува пораст од 23 отсто, а поскапувањето на бензините не е само „активатор“ за главоболки кај возачите на бензинските пумпи, туку и многу повеќе од тоа. Податоците покажуваат дека во петокот, на 10 јуни, 32 отсто од бензинските пумпи низ целата земја (речиси секоја трета) наплатувале повеќе од пет долари за галон, а околу 10 отсто од бензинските пумпи наплаќаат повеќе од 5,75 долари за галон.

Цените на бензините се исто така рекордни во Велика Британија. Минатата недела цената на литар безоловен бензин достигна 1,82 долари, што значи дека цената за полнење гориво на просечен семеен автомобил достигна 122 долари.

Некои вработени кои треба да возат подолго до работа трошат дури 370 долари неделно на гориво. Синдикатите во Британија предупредуваат дека поскапувањето ги „скршило“ работниците, како и дека е особено видлив недостиг во транспортната и здравствената индустрија, кој „само ќе се влошува бидејќи цените продолжуваат да растат“.

Еден здравствен работник рече дека поскапувањето на горивата го надминува надоместокот што го добиваат за трошоците за бензин, така што вработените сега плаќаат не само за да доаѓаат на работа, туку и да возат до домовите на пациентите за да ја вршат својата работа.