Голдман Сакс ги надмина очекувањата: Заработката и приходите силно растат, но инвестициското банкарство опаѓа

Американската инвестициска банка Голдман Сакс во првиот квартал од оваа година заработи 4,58 милијарди долари или 14,12 долари по акција. Приходите се зголемени за шест отсто и изнесуваат 15,06 милијарди долари во однос на истиот период лани, објави банката.

Акциите на банката се зголемија за околу два отсто на околу 505 долари по објавувањето на резултатите.

Во првиот квартал од минатата година Голдман Сакс оствари добивка од 3,93 милијарди долари или 11,58 долари по акција, па овогодишниот раст ги надмина очекувањата на аналитичарите од Волстрит.

Резервирањата за загуби од заеми изнесуваат вкупно 287 милиони долари во кварталот, во споредба со 318 милиони долари во истиот период минатата година, пренесува АФП.

Приходите од камати пораснаа за дури 111 отсто на годишно ниво и достигнаа 2,9 милијарди долари.

Секторот за глобално банкарство и пазари на Голдман забележа пораст на приходите од 10% до 10,71 милијарди долари.

Приходите од тргување со акции се зголемија за 27% на 4,19 милијарди долари – околу 540 милиони долари повеќе од проценките на аналитичарите анкетирани од StreetAccount, објави CNBC.

Сепак, позитивните бројки не успеаја да ги сокријат слабостите во другите сегменти од работењето на банката.
Приходите на секторот со фиксни приходи се зголемија само за два отсто на 4,4 милијарди долари, додека надоместоците за инвестициско банкарство паднаа за осум отсто на 1,91 милијарди долари, главно поради помалиот приход од советодавни услуги.

Извршниот директор на банката, Дејвид Соломон, предупреди на неизвесноста што ја носи царинската политика на американскиот претседател Доналд Трамп.

„Нашите клиенти се загрижени за значителна краткорочна и долгорочна несигурност, што ја ограничува нивната способност да донесуваат важни одлуки. Оваа несигурност за идниот курс и стравот од потенцијална ескалација на трговската војна создадоа сериозни ризици за американската и глобалната економија“, рече Соломон во изјавата по објавувањето на резултатите.

Управниот одбор на банката во петокот најави исплата на дивиденда од три долари по акција, која ќе биде исплатена на 27 јуни.

Фото: Pixabay