Голдман Сакс повеќе не очекува еврозоната да влезе во рецесија

49

Економистите на глобалниот заемодавач Голдман Сакс повеќе не предвидуваат дека еврозоната ќе влезе во рецесија бидејќи нејзината економија се покажа како поотпорна отколку што претходно се мислеше на крајот на 2022 година, при што цените на природниот гас паѓаат и Кина ги напушта рестриктивните мерки за спречување на пандемијата  со корона вирусот порано од очекувано.

Бруто домашниот производ годинава се очекува да порасне за 0,6 отсто, иако претходно се предвидуваше раст од 0,1 отсто. И покрај тоа што растот ќе продолжи да биде слаб во текот на зимата поради енергетската криза, се очекува дека во првиот квартал од оваа година ќе има експанзија на економијата на еврозоната од 0,1 отсто, сметаат економистите предводени од Јари Штен.

Тие предвидуваат и дека инфлацијата ќе ослабне побрзо од очекуваното и дека до крајот на 2023 година ќе изнесува 3,25 отсто, пишува Блумберг.

Очекуваме и забавување на базичната инфлација поради заладувањето на цените на суровините, но гледаме и можност за зголемен притисок врз услужниот сектор поради растот на цената на трудот“, наведуваат и додаваат дека имајќи ја предвид поотпорната економска активност, упорната инфлација и агресивните одговори на неа, очекуваат дека Европската централна банка ќе продолжи да ја заострува монетарната политика.

Банката очекува дека ЕЦБ ќе ги зголеми каматните стапки за 0,5 поени на состаноците закажани за февруари и март, а потоа и зголемување од 0,25 поени во мај, со што депозитната стапка би се искачила на ниво од 3,25 отсто.