Голем број германски компании планираат зголемување на цените

104

Голем број компании во Германија,  планираат да ги зголемат цените во следните три месеци, покажуваат резултатите од истражувањето на минхенскиот институт ИФО.

Индексот на очекуваните цени, пресметан од ИФО, во ноември се искачи на 45 поени од октомвриското ниво од 41 поен, што е негово највисоко ниво од почетокот на ова истражување.

„Тоа, секако, ќе влијае на потрошувачките цени. Во последниот квартал до крајот на оваа година, инфлацијата најверојатно ќе се искачи на нешто под пет отсто, а следната година ќе започне со стапка многу над три отсто. Во просек, сега проценуваме дека вкупната инфлација ќе биде три проценти оваа година и меѓу 2,5 и три проценти во 2022 година, нагласува Тимо Волмершаузер, шеф на одделот за анализи во ИФО.

Рекордна вредност на индексот е присутна во сите економски сектори.

Во трговијата, индексот на ценовни очекувања изнесува 65 поени, во производството 56, а во градежништвото 44 поени. Најниска вредност, од 32 поени, е измерена кај давателите на услуги, но и таа е на рекордно ниво за тој сектор од економијата.

Како причина за поскапувањето компаниите го наведуваат големото поскапување на интермедијалните производи и суровините, кои производителите и трговците имаат намера да ги пренесат на своите потрошувачи.