Хипотетички геополитички конфликт би можел да ја чини светската економија 14,5 трилиони долари во период од пет години, пресмета Lloyd’s of London, истакнувајќи ја во сценариото заканата од прекини во синџирите на снабдување.
Последиците за економијата би произлегле од огромната штета на инфраструктурата во конфликтниот регион и можната закана за водните патишта, објаснува осигурителниот пазар во соопштението.
„Повеќе од 80 отсто од светскиот увоз и извоз, околу 11 милијарди тони стоки, патуваат по море, така што затворањето на главните трговски патишта поради геополитички конфликт е меѓу најголемите закани за ресурсите потребни за отпорна економија наведуваат тие.
Можноста за ваков геополитички конфликт претставува системски ризик, што значи дека има мали шанси светот да се најде во таква ситуација, пренесува Хина, но доколку се случи, последиците би биле тешки, посочува Лојд.
Пазарот за осигурување и реосигурување со седиште во Лондон, исто така, објави дека истражувал и други потенцијални системски ризици во партнерство со Центарот за студии за ризик од Кембриџ, вклучувајќи сајбер напади и екстремни временски услови.
Војните во Украина и во палестинскиот Појас Газа веќе го попречија сообраќајот на рутите низ Црното и Црвеното Море, потсетува Ројтерс.