На саемот за овошје и зеленчук Fruit Logistica во Берлин, годинава за прв пат беше одржан и Start Up Day или ден посветен на стартапите. Стартапот од Србија, MapMyApple заедно со уште 19 млади компании имаа можност, пред присутните изложувачи и гости, да ги презентираат своите иновации во земјоделието.
Изложувачи од Србија, од регионов и Европа, кои се вклучени во производство на јаболка остварија средби со креаторите на апликацијата MapMyApple и дознаа како со помош на истата можат да дојдат до одличен квалитет на овошките, а со тоа и подобра цена.
Според менаџерот на Select Fruit Group, Дарко Мартиновиќ на малите произведувачи на јаболка им треба токму ваква апликација со цел да ја зголемат ефикасноста во работењето.
Тој додаде и дека овој “џебен агроном“ е достапен и лесен за користење – повозрасните генерации можат да се потпрат на него, а младите ќе бидат лидери во користење на модерните технологии.
Апликацијата, којашто е дизајнирана во соработка со експерти од областа на производство на јаболка, дава дневни препораки за фертигација, наводнување, заштита и друго. Сателитски камери со висока резолуција обезбедуваат визуелна информација за состојбата на вегетација и суша и даваат прецизна временска прогноза.
MapMyApple беше тестирана на полиња во Србија и Македонија и по успешните преговори со произведувачи на саемот, кои потврдија дека не виделе вакво нешто во Европа, апликацијата сигурно до крајот на годинава ќе најде примена и на овоштарниците во Италија, Франција, Унгарија и Полска.