Голем интерес за изработка на илустрации за проектот Современи бајки од Македонија – пристигнаа 96 апликации од 61 автор

53

На отворениот повик за илустратори и дизајнери пристигнаа 96 апликации од 61 автор од земјава за изработка на илустрации на четирите современи приказни „Бакнежот на пролетта “, „Осаменото дрво “, „Перуника“ и „Сончевото момче Ил“, избрани во претходниот отворен повик.

Пристигнатите креативни решенија ќе ги оценува жири-комисија составена од претставници на Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и претставници на издавачката куќа „Арс Ламина“. Вкупниот фонд за награди изнесува 140.000 денари или 35.000 денари поединечно за секоја од четирите сликовници. Најдоброто решение ќе биде соопштено на 13 мај 2021 година.

Ова е втора етапа од проектот „Бајки од Македонија“ на Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ во соработка со издавачката куќа „Арс Ламина“.

„Големиот интерес и на овој јавен повик за илустрации е потврда за потребата од создавање можности каде што ќе се реализира големиот креативен потенцијал и нè радува фактот што постои голем интерес за автентичен авторски израз. Со издавањето на ’Современите бајки од Македонија‘ создаваме жива култура која е важна за сегашните, но и за идните генерации во чиешто наследство ќе останат овие дела. Почнавме со идејата традиционалното творештво да го доближиме преку нов модерен израз до новите генерации. Издадовме едиција од 54 бајки од Македонија, кои станаа омилени кај најмладата генерација. Тоа нè поттикна да продолжиме во нов правец, насочени кон креирање на современи бајки, што веќе утре ќе станат национално наследство. Навистина е чест што нашиот ентузијазам создаде вистински литературни брендови“, истакна Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на управниот одбор на Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“

На отворениот повик за илустратори и дизајнери му претходеше конкурс за избор на најдобри современи бајки, на кои конкурираа 316 автори со 442 бајки, а победија: „Перуника“ од авторот Сибо, „Бакнежот на пролетта“ од авторката Елизабета Баковска, „Сончевото момче Ил“ од авторката Катерина Данаилова и „Осаменото дрво“ од авторката Нина Максимова.

„Зајакнување на читачките навики кај младите е навистина една благородна мисија, во која ние преку овој проект дадовме сериозен придонес. Тоа е значајно особено денес, во ерата на дигитализацијата. Дополнително, со автентичните и привлечни илустрации покажавме дека можеме да создадеме дела што имаат вистинска вредност во себе“, истакна Бранка Бугариска, директор на издаваштво во „Арс Ламина“.

На проектот за „Современи бајки од Македонија“ му претходеа проектите „Бајки од Македонија“, „Бајки од Македонија за цела година“ и „Басни од Македонија“, кои постигнаа голем успех. Ден од нив се преведени на седум јазици, на Брајовото писмо, наградувани во светот и дома и се едни од најпродаваните книги за деца кај нас.