Голем интересот за Купи куќа, купи стан, субвенциите за проектот и до 20 илјади евра

50

По објавувањето на повикот за аплицирање за субвенциониран станбен кредит преку Купи куќа, купи стан, интересот на граѓаните за проектот е голем. Ниските каматни стапки, субвенциите коишто изнесуваат и до 20 илјади евра (во денарска противвредност), дополнителната субвенција на месечната рата за секое новородено дете, како и моделите за млади се причините за големиот интерес за овој проект.

Оние граѓани коишто ќе го изберат моделот за субвенција на месечната рата, при отплата на кредитот во првите три години им се пресметува каматна стапка од 2,9 %, во следните две години 3,9 %, а во останатиот период од отплатата каматната стапка не е поголема од онаа на станбените кредити коишто ги нуди банката каде што аплицирале.

Притоа, за овој модел граѓаните, во зависност од тоа дали купуваат нов стан, или градат, купуваат или доградуваат куќа, на пример за кредит од 50 илјади евра добиваат субвенции коишто се движат од 8.500 до 20.800 илјади евра. За купување нов стан, граѓаните што имаат до или наполнети 35 години, добиваат субвенција што изнесува 70 % од месечната рата во период од 5 години, или за кредит од 50 илјади евра, добиваат вкупно околу 12 илјади евра субвенција од државата. Граѓаните со наполнети 36 години или повеќе, првите 5 години добиваат субвенција во износ од 50%од месечната рата или приближно 8.500 евра.

За изградба или за купување нова куќа од инвеститор, граѓаните до 36 години добиваат субвенција од приближно 20.800 евра, односно 60 % од месечната рата во првите три години, 50 % од ратата во следните пет години и 40 % во 9-та, 10-та и 11-та година од отплатата на кредитот. За доградба или надградба, граѓаните до 36 години, ќе добијат 50% од месечната рата во првите три години, 40% во следните 5 години и 30% во следните 3 години од отплатата на кредитот или вкупно околу 16.600 евра.

Оние граѓани со наполнети 36 години или повеќе, за купување или изградба на нова куќа добиваат субвенција од 80% од месечната рата во период од пет години или вкупно 13.613 евра поддршка од државата, додека пак за доградба или надградба на куќа, државата дава поддршка во висина од 75 % од месечната рата во период од првите пет години од отплатата на кредитот или најмногу 12.762 евра.

Граѓаните што го избрале моделот за субвенција на учеството, за цело времетраење на исплата на кредитот им се пресметува каматна стапка од 4 % зголемена за 6 месечен Eурибор. Субвенциите за овој модел изнесуваат и до 12.500 евра. Притоа граѓаните до и со наполнети 35 години за купување или изградба на нова куќа, но и за доградба и надградба добиваат 100 % субвенција на учеството или најмногу 12.500 евра, додека пак за стан добиваат 70 % од учеството или најмногу 8.750 евра.

Оние граѓани кои на денот на аплицирањето веќе имаат наполнето 36 години или повеќе, за купување или изградба на нова куќа добиваат 80 % од учеството или најмногу 10 илјади евра, за доградба или надградба на куќа до 75 % или најмногу 9.375 евра, додека пак оние што аплицираат за стан, добиваат 50 % од учеството или најмногу 6.250 евра.

Во однос на условите за аплицирање, согласно Законот, вкупниот месечен приход на лицето-поединец кое аплицира за субвенциониран станбен кредит треба да изнесува до 900 евра месечно, или доколку е во брачна заедница вкупните месечни приходи на брачните другари не треба да надминуваат 1.300 евра месечно.  Продажната цена на станбениот објект со пресметан ДДВ треба да изнесува до 900 евра за метар квадратен, а кредитобарателот да нема во негова сопственост или заедничка сопственост со брачниот другар стан или куќа. Лицето или неговиот брачен другар не треба да има подигнато друг станбен кредит на денот на поднесување на барањето за субвенциониран станбен кредит. Воедно, станбената површина не смее да надминува 150 м2.

Граѓаните за овој проект аплицираат во една од овие осум банки: Тутунска банка, Стопанска банка, Шпаркасе банка, Охридска банка, Стопанска банка – Битола, ТТК банка, Прокредит банка и Силк Роуд банка. Минатата година беа одобрени 278 барања за субвенциониран станбен кредит. Од вкупно одобрените субвенции, 203 се однесуваат на субвенционирање на ратата, а 75 се за субвенционирање на учеството. Според намената, 259 субвенции се одобрени за купување нов стан, додека 19 за куќа. Вкупниот износ на одобрени субвенционирани станбени кредити од страна на деловните банки изнесува 10.595.107 евра, за кои се одобрени субвенции во износ од 1.508.011 евра.

Фото: Pixabay