
Цените на акциите остро паднаа на Волстрит во средата, бидејќи инвеститорите беа нервозни пред прес-конференцијата на американскиот претседател Доналд Трамп за царините за увоз на автомобили.
Индексот Dow Jones падна за 0,31 отсто на 42.454 поени, додека S&P 500 се лизна за 1,12 отсто на 5.712 поени, а индексот Nasdaq за 2,04 отсто, на 17.899 поени.
По растот во првите два дена од оваа недела, индексите вчера загубија голем дел од тие добивки бидејќи пазарот е нервозен поради војната со тарифите.
За време на тргувањето на берзата, Белата куќа најави прес-конференција за царините за увоз на автомобили.
Трамп, додуша, ги најави овие тарифи на почетокот на годината, но инвеститорите се надеваа дека тој ќе се откаже од нив или дека Вашингтон во меѓувреме ќе постигне некаков договор со своите трговски партнери.
Сепак, ништо од ова не се случи, па Трамп на прес-конференција рече дека почнувајќи од 2 април, ќе воведе царини за сите возила што не се произведени во САД.
Покрај автомобилскиот сектор, вчера под притисок беа и акциите на технолошките компании.
Од 11 најважни сектори на индексот S&P 500, цените на акциите паднаа во шест, со најголем пад, над 2 отсто, во секторите за комуникации и информатичка технологија.
Меѓу најголемите губитници беа акциите на производителот на чипови Nvidia, со пад на цената од речиси 6 отсто и Tesla, со пад од околу 5,5 отсто.
Пазарите сега очекуваат реакција од земјите кои најмногу ќе бидат погодени од новите царини, но и нови одлуки од Вашингтон, со оглед на тоа што Трамп неодамна најави дека од 2 април ќе воведе реципрочни царини за увоз од сите земји кои наплаќаат царини за увоз на американски производи.
„Пазарите ја мразат оваа несигурност околу тарифите, особено што се однесуваат на автомобилската индустрија. Овие тарифи може да имаат големо негативно влијание врз економијата“, вели Џејми Кокс, партнер во Фајненшл Груп Харис.
Поради тарифната војна, аналитичарите на Barclays вчера го намалија целното ниво за индексот S&P 500 на 5.900 поени, од претходните 6.600 поени.
По вчерашниот пад, S&P 500 падна за околу 3 отсто од почетокот на годината, а Nasdaq индексот е намален за повеќе од 7 отсто.
Цените на акциите вчера паднаа и на повеќето европски берзи. Иако лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,30 отсто, на 8.689 поени, франкфуртски DAX падна за 1,17 отсто, на 22.839 поени, а париски CAC за 0,96 отсто, на 8.030 поени.