Голем раст на цените на недвижнини во ЕУ

91

Цените на станбените недвижнини во ЕУ и во еврозоната пораснаа во првиот квартал со најсилна стапка во последниве повеќе од 15 години, се наведува во извештајот на Европската статистичка служба.

На годишна основа, цените на недвижностите во ЕУ се зголемија за 10,5 отсто во првите три месеци од оваа година, што е највисоко од крајот на 2006 година. На крајот на 2021 година се зголемени за 10,1 отсто.

Во еврозоната цените скокнаа за 9,8 отсто во првиот квартал, што е најсилно откако Еуростат почна да објавува податоци во 2005 година. Во последниот квартал од минатата година се зголемени за 9,4 отсто.

Сите земји од ЕУ чии податоци беа достапни на Евростат забележаа годишен раст на цените во првиот квартал, а во 17 од нив стапката на раст беше двоцифрена.

Цената на станбените недвижности во Чешка порасна за 24,7 отсто. Следат Естонија со 21 отсто и Унгарија со 20,6 отсто.

Во Хрватска цените на станбените недвижности во првиот квартал од годинава се повисоки за 13,5 отсто во однос на истиот период лани. Во претходниот квартал тие пораснаа за 9,1 отсто на годишна основа.

Најскромно поскапување забележа Кипар, од 1,1 отсто. Следуваат Финска и Италија, каде цените на недвижностите пораснале за 4,3, односно 4,6 отсто.