Голема авиокомпанија откажува илјадници летови поради недостиг на работна сила

84

Германската авиокомпанија Луфтханза откажа дополнителни 2.200 летови од  Франкфурт и Минхен во јули, наведувајќи го недостатокот на работна сила поради поголем број заразени со Ковид.

Пред две недели, компанијата објави дека ќе откаже 900 летови во јули. Во четвртокот тие најавија дека „ќе откажат уште 2.200 од 80.000 летови во системот“.

„На прво место ќе бидат откажани домашните германски и интраевропските летови, но не и оние до класичните дестинации за одмор, кои се добро исполнети во текот на сезоната“, соопштија од авиокомпанијата, додавајќи дека можат да го променат распоредот на летови.

„Системот дополнително беше оптоварен со штрајкови на контролорите на летање, временските услови и, особено, поголем број работници заразени со Ковид 19“, објаснуваат тие.

Патниците ќе бидат веднаш известени за откажаниот лет и ќе добијат, доколку е можно, резервации за други соодветни летови. Летовите во Германија до главните аеродроми може да се заменат со железница, соопштија од Луфтханза.