Голема битка за имотот на Лукоил: МОЛ меѓу заинтересираните купувачи

Групацијата МОЛ изрази интерес за купување на меѓународните средства на санкционираниот руски нафтен гигант Лукоил пред американските претставници, соопштија  три информирани извори.

На крајот на октомври, Министерството за финансии на САД воведе санкции врз Лукоил и Роснефт, со образложение дека сака да го ограничи буџетскиот капацитет на Русија за финансирање на војната во Украина.

Неколку дена подоцна, Лукоил објави дека има намера да ги продаде своите странски средства, потврдувајќи дека прифатил понуда од швајцарскиот мултинационален трговец со суровини Гунвор.

На почетокот на ноември, Гунвор ја повлече понудата откако Вашингтон сигнализираше дека нема намера да му додели деловна лиценца.

Рокот за продажба на имотот е продолжен

Во средината на минатиот месец, американското Министерство за финансии, преку Канцеларијата за контрола на странски средства, го продолжи рокот за склучување на договорот за продажба на средствата на Лукоил до 13 декември.

Лукоил е во преговори со Ексон Мобил, Шеврон и неколку инвеститори од Блискиот Исток, изјавија извори за Ројтерс во четврток.

Според неименувани извори, интерес покажале и американската инвестициска компанија „Карлајл“, „Националната нафтена компанија Абу Даби“ и конгломератот „Интернешнл холдинг компани“ од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).

Унгарија беше ослободена од санкции

Унгарскиот премиер Виктор Орбан разговараше за интересот на МОЛ за средствата на Лукоил со американскиот претседател Трамп на состанок во ноември, изјави еден од изворите.

По тој состанок, Унгарија доби ослободување од американските санкции, така што може да користи руска нафта и гас уште една година, забележува Ројтерс.

Орбан веќе потврди пред една година дека МОЛ е заинтересиран за рафинеријата на Лукоил во Бургас, Бугарија, според порталот „Дејли њуз Унгарија“.