Промената на позициите на високите функционери на групацијата Volkswagen значи и дека актуелниот извршен директор на Škoda, Томас Шафер, следната година ќе застане на чело на Volkswagen (VW).
Шафер дојде на позицијата извршен директор на Škoda во август минатата година, откако претходно беше шеф на операции на групацијата VW во Јужна Африка. Улогата на шеф на Volkswagen ќе ја преземе на 1 април 2022 година.
Актуелен директор на Volkswagen е Ралф Брандшатер, кој од август следната година ќе се приклучи на главниот одбор на VW Group и ќе биде шеф на клучните операции во Кина.
Škoda сè уште не го открива името на наследникот на Шaфер. Ова не е единствената промена на лидерските позиции во групацијата VW. Извршниот директор Херберт Дис ќе ја преземе директната контрола врз Cariad, софтверскиот сектор на компанијата, од почетокот на следната година.











