Големите компании учествуваа со 56 отсто од извозот на услуги во ЕУ

62

Големите компании во Европската унија, со 250 или повеќе вработени, доминираа во извозот на услуги во земји надвор од ЕУ во 2022 година, со учество од 56 отсто во вкупниот извоз.

Малите компании, односно компаниите до 49 вработени, учествуваат со 14 отсто во извозот на услуги, надминувајќи ги средните компании, односно компаниите со 50 до 249 вработени, со учество од десет отсто во извозот, објавија Европски завод за статистика, Евростат.

Компаниите чија основна дејност е транспортот и информациско-комуникациските дејности учествуваа со по 20 отсто од извозот на услуги, а веднаш по нив следуваат производствените компании со 15 отсто. Компаниите од стручни, научни и технички дејности учествуваат со десет проценти, пред оние од финансискиот сектор кои учествуваат со осум проценти.

Кај малите компании, најголем придонес има финансискиот сектор со 28 отсто учество во извозот, следен од сообраќајот со 19 отсто, информации и комуникации со 14 отсто, а стручните, научните и техничките дејности исто така со 14 отсто, покажуваат податоците на Евростат. Преработувачката индустрија бележи најмало учество во извозот на услуги кај малите бизниси од три проценти.

За средните компании, најголемиот дел од меѓународната трговија со услуги доаѓа од стручниот, научниот и техничкиот сектор, со 24 отсто, а потоа следат информациите и комуникациите и транспортот, секој со 22 отсто. Производните и финансиските компании учествуваа со по седум отсто од извозот на услуги.

Големите компании кои се занимаваат со извоз на услуги беа претежно активни во информацискиот и комуникацискиот сектор, со 28 отсто од извозот, потоа транспортот и преработувачката индустрија, 23 отсто и за двата. Стручниот, научниот и техничкиот сектор учествувале со десет отсто од извозот, а финансискиот сектор со пет отсто.

Овие податоци доаѓаат од статистиката за трговија со услуги по карактеристики на претпријатијата (STEC), која Евростат ја објави за прв пат како официјална статистика. Статистиката на STEC обезбедува увид во односот помеѓу обемот на трговија со услуги и карактеристиките на вклучените компании.