Компанијата Google објави дека за еден ден примила 12.000 барања од корисниците од ЕУ, кои сакаат да бидат избришани незгодните информации од резултатите од пребарувањето.
Барањата се доставуваат од четврток вечер на веб-сајтот кој Google го отвори по клучната пресудата на Европскиот суд за човекови права донесена пред две недели, што предвидува дека мора да ги сменат резултатите од пребарувањето, врз основа на “правото да се заборави”.
Одлуката на судот значи дека жителите на ЕУ ќе бидат во можност да го дотераат својот углед на интернет, барајќи Google и другите интернет пребарувачи да ги отстранат линковите до статии во весниците и до другите сајтови со проблематични податоци за минатите активности.
Доколку сакате да бидат избришани информациите за вас, се што треба е да го побарате тоа преку онлајн формуларот на Google, каде што ги наведувате линковите на коишто се наоѓаат информациите за вас. Од Google наведуваат дека ќе го прегледаат секое пристигнато барање.
За да нема злоупотреба на оваа нова можност, Google ќе разгледува дали постои некаков јавен интерес во информациите што се побарани да се избришат, како информации за финансиски измами, професионална небрежност, кривични обвиненија или однесувањето на владини претставници.
При пополнувањето на барањето, ќе мора да објаснете и како информациите се поврзани со вас. Исто така треба да го внесете вашето име, електронска пошта и да скенирате идентификационен документ. Барањето може да го направите и во име на некој друг, што овозможува сопружниците или адвокатите да побараат отстранување на информации за некој близок.
Европа е еден од најголемите пазари за интернет рекламирање, од каде што доаѓа највисокиот дел од приходите на Google. Имплементацијата на “правото да се заборави” не треба да влијае на сообраќајот на Google, бидејќи истите правила важат и за другите пребарувачи.