Google наводно се вклучи во трката со Facebook за преземање на фирмата Waze, специјализирана за навигација на мобилни уреди. Според Блумберг, Google планира да понуди една милијарда долари или повеќе за оваа компанија, а на овој потег се одлучи дури откако дозна дека Facebook е во преговори за преземање на компанијата.
Според пишувањето пак на All Things D, Facebook се повлекува од преговорите за преземање на оваа израелска компанија, но не поради сумата, туку поради недоразбирањето околу тоа дали Waze ќе се пресели во центарот на Facebook во Калифорнија.
Waze е основана во 2007 година, а главен производ и е мобилна апликација која овозможува напредна навигација низ густ сообраќај, користејќи ги информациите од самите корисници. Оваа апликација засега ја користат 47 милиони корисници во 193 земји, 11 милиони во САД, 10 милиони во Европа, девет милиони во Латинска Америка и 2,5 милиони во Азија.