Горе-долу: Цените на нафтата значително осцилираа минатата недела

73

На светските берзи цените на нафтата значително осцилираа минатата недела, бидејќи трговците се загрижени за ризиците од рецесија во голем број економии, додека поддршка на цените обезбедува најавата за намалување на производството на ОПЕК.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се зголеми за 2 отсто, на 93,50 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 0,7 отсто, на 85,05 долари.

Минатата недела на нафтените пазари владееше неизвесност, па еден ден цената на барелот порасна, а следниот ден падна.

Утрово барелот се тргува по цена од 92,53 долари на лондонскиот пазар, што претставува пад во однос на вчерашниот ден, а американската нафта се тргува по цена од 84,10 долари.

На европскиот пазар цената на нафтата се зголеми поради неодамнешното стапување во сила на забраната за увоз на руска нафта и деривати во Европската унија, како и одлуката на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници да го намалат производството за два милиони барели дневно од ноември.

Цените се поддржани и од надежта на трговците дека Кина ќе ги олесни строгите мерки за борба против Ковид-19 и ќе ја зголеми потрошувачката на гориво.

Кина е најголемиот увозник на сурова нафта во светот, а оваа година опстојуваше на строги мерки за сузбивање на Kовид-19, што ја забави деловната и економската активност и ја намали побарувачката за гориво.

Од друга страна, притисокот врз цените е последица на стравот на трговците од слабеење на побарувачката, имајќи предвид дека на многу земји им се заканува рецесија.
Имено, за да се потисне високата инфлација, повеќето централни банки во светот ги зголемуваат каматните стапки, а тоа го забавува растот на економиите, а со тоа и побарувачката на „црното злато“.

Откако минатата година цените на нафтата скокнаа за повеќе од 50 отсто, благодарение на закрепнувањето на економиите од корона кризата, од почетокот на оваа година тие пораснаа за речиси 20 отсто, што најмногу е последица на војната во Украина.