Горење бележи пад на добивката по три години

26

Словенечката компанија за производство на бела техника, Горење, извести за пад на добивката од 6,4 милиони евра, прв пат од 2009 година.

Во првите девет месеци, групата покажала 929,5 милиони евра приходи од продажба, што е 2,7% помалку од лани. Оперативната добивка изнесувала 15,2 милиони евра, што е за 34,8% помалку од истиот период лани.

Управата на чело со Фрањо Бобинац појасни дека слабите резултати се последица на зголемените транспортни трошоци при преселување на производството од Финска во Чешка.

“Во наредните девет до 12 месеци ќе мораме да преселиме голем број работни места од Шведска во Словенија и од Словенија во Србија. Во пролет ќе ги преселиме погоните за сушење и перење од Шведска во Велење, затоа што градиме фабрика во српско Ваљево. Резултатите на таквото реструктуирање ќе почнат да се покажуваат на крајот на идната година. Во 2014 година ефектите ќе бидат огромни”, вели Бобинац.

Групата очекува годината да ја заврши со добивка, поради подобрата есенска продажба. Во септември добиле повеќе нарачки, вклучувајќи ги и новите производи, а трендот продолжил и во октомври и ноември. Зголемен е бројот на нарачки во земјите каде Горење бележи висока профитабилност, како на пример Украина, Русија, Чешка, Хрватска, Србија и Словенија.