Горештините ја чинат глобалната економија 2.400 милијарди долари

23

Фото: Pixabay

Зголемените температури, предизвикани од климатските промени, би можеле да доведат до намалување на околу 80 милиони работни места до 2030 година, а најтешко би биле погодени сиромашните земји, анализира Меѓународната организација за работа на Обединетите нации (International Labour Organization – ILO).

Порастот на температурата за 1,5 степени Целзиусови до крајот на овој век би можел да доведе до намалување на бројот на работни часови за 2,2%, што одговара на 80 милиони изгубени работни места со полно работно време.

Овие промени би ја чинеле глобалната економија 2.400 милијарди долари. Најмногу луѓето не би можеле да работат поради здравствени ризици предизвикани од високите температури.

“Влијанието на топлотниот стрес на продуктивноста е сериозна последица од климатските промени, што се надоврзува на други неповолни влијанија како што е количината на воден талог, подигнување на нивото на морето и загуба на биодиверзитетот“, вели Кетрин Сагет од ILO.

Топлотниот стрес настанува кога телото апсорбира повеќе топлина од она што може да поднесе. Екстремните жештини може да предизвикаат болести, како што се топлотен удар и исцрпеност, а може да предизвика и смрт.

Од овие климатски промени најмногу ќе бидат погодени земјоделските работници, особено жените, кои чинат повеќе од половина од 940 милиони работници во тој сектор.

Во градежниот сектор се загубени околу една петина од работните часови, а најмногу ќе бидат погодени најсиромашните земји од југоисточна Азија и западна Африка.

Од Светската метеоролошката организација предупредуваат дека оваа година би била рекордна по висината на температурата, а периодот од 2015-та до 2019-та година е најтоплиот петгодишен период во историјата.