Град Скопје продолжува со помош за скопските угостители

29

Град Скопје продолжува со конкретните мерки за помош на скопските угостители во интерес на полесно надминување на економските последици од пандемијата со коронавирусот.

За таа цел и оваа година Град Скопје продолжува со намалувањето на комуналната такса за закуп на јавен простор од 15 на 5 денари по квадрат (колкава што е минималната цена дозволена со закон), согласно одлуката на Советот на Град Скопје донесена минатата година.

Значајно е да се нагласи дека Советот на Град Скопје минатата година веднаш по почетокот на пандемијата усвои низа мерки за помош на домашната економија, а граѓаните кои работат во стопанството да ги задржат своите работни места и полесно да ги пребродат економските последици од справувањето со глобалната пандемија.

“Град Скопје е најголем чинител во македонската економија. Тука се остварува најголемиот дел од нашиот БДП, тука е најголемиот број на работни места, тука се остваруваат најголемиот дел од инвестициите во земјава. Работите не смеат да запрат и Град Скопје ќе продолжи посветено да работи на враќањето на парите назад во стопанството, преку обезбедувањето на повеќе средства за капитални инвестиции и одлагање на неприоритетните инвестиции“, истакна Шилегов на минатогодишната седница на Советот на Град Скопје кога беше усвоен пакетот економски мерки.

Фото: Pixabay