Градежен Институт Македонија (ГИМ) и Гранит Скопје, минатата недела потпишаа договор со Електростопанство на Република Српска – Хидроелектрани на Дрина, за изведба на работи на консолидација под браната ХЕ Вишеград на реката Дрина во Босна и Херцеговина.
“Договорените работи се со рок на изведба од 13 месеци, а како водечки партнер е Градежен Институт Македонија АД Скопје, којшто на просторите од поранешна Југославија е лидер за ваков вид специјалистички работи. Овој проект е со посебно значење за нашите градители поради специфичноста на проблемот кој треба да се разреши и е познат и во глобални размери. Со изведба на предвидените работи потребно е да се обезбеди стабилноста и сигурноста на браната, а истовремено со намалување на големиот проток на вода под браната да се постигне зголемено производство на електрична енергија“, стои во соопштението.
Со овој договор ГИМ го потврдува континуитетот на повеќе годишно успешно работење во Босна и Херцеговина, докажувајќи го традиционално препознатливиот квалитет на Македонското градежништво.
На овој пазар, ГИМ делува веќе четири години преку сопствена фирма регистрирана во Бања Лука, обезбедувајќи работа за дел од своите вработени во Македонија, но и вработувајќи локален кадар.
Компанијата поседува соодветни лиценци за работа во Босна и Херцеговина, а во моментов изведува работи во Добој за потребите на светскиот лидер во оперирање со технички гасови МЕСЕР.
Градежен Институт Македонија е лидер во сегментот на градежништвото, со 40 годишно постоење на домашниот и странски пазар, нуди услуги во сите области на градежништвото почнувајќи од планирање, истражување, проектирање, ревизија на проекти, надзор над изградба, лабораториска контрола на квалитет, па се до изведба на специјалистички работи и консалтинг.