Италијанскиот архитект Стефано Боери, кој неодамна ги објави плановите за првата вертикална шума во Кина, претстави уште една амбициозна визија во борбата против загадениот воздух “Градови – шуми“, пишува Guardian.
Боери, познат по проектот Верикална шума во Милано, го претстави својот план за сличен проект во источниот кинески град Нанџинг.
Тој ја замислува иднината на Кина со многу зеленило овозможувајќи ѝ на тој начин свеж воздух во облаците смог. Комплексот во Нанџинг ќе се состои од две кули прекриени со 23 различни видови дрвја и над 2.500 грмушки. Во тој комплекс ќе бидат сместени деловни простории, луксузен хотел со 247 соби, музеј и училиште за архитектура.
Но, сега Боери има уште посмели планови за Кина, да создаде град – шума во земјата која стана синоним за деградацијата на животната средина и смог.
“Ме замолија да проектирам град во кој нема сите згради да бидат облакодери, туку ќе се состои од 100 или 200 згради со различна големина опкружени со дрвја и растенија на самите фасади. Многу сериозно работам со мојот тим на остварување на оваа идеја, и најверојатно до 2020 г. ќе го видиме првиот град – шума во Кина“, вели Боери.