Гран-при за Њу момент на Пиран идеја

52

Piran Idea02Македонската маркетинг-агенција Њу момент – њу идеас компани освои гран-при за спотот „10 метри одвоени“ на фестивалот Пиран идеја што се одржа викендов во истомениот град во Словенија. Организирана од Young and rubicam, американската адвертајзинг-компанија и една од најмоќните во оваа бранша во светот, споменатата манифестација собра голем број делегати од 14 земји од централна и источна Европа на тридневен настан инспириран и посветен на креативноста.

Четиринаесет агенции се натпреваруваа во 13 категории. Годинашното жири беше составено од почитуваните креативни директори од канцелариите на Young and rubicam. Рајан Рид пристигна од Дубаи, Педро Фереира од Португалија, а Вики Џито од Италија, која што беше и претседател на жирито. Освен натпреварувачки дел, фестивалот вклучуваше и настапи на повеќе говорници и презентации. Специјалното признание „Драган Сакан“ го доби Џејми Манделбаум, прв креативец на Young and rubicam  за централна и источна Европа со седиште во Чешка.

“Мојот татко го почна ова и веруваше во фестивалот. Навистина уживам во собирот и го работам со сето мое срце”, рече Жарко Сакан, директор-менаџер на Њу момент од Белград, агенцијата што сега ја организира манифестацијата.

Мартин Бек, одговорен за одделите на Young and rubicam во Европа, Блискиот Исток и во Африка, кој го поддржа Драган Сакан и Пиран идеја од самиот почеток, истакна дека е навистина горд што гледа како се подобрува креативноста на оваа мрежа од агенции. Петр Хавличек, главен извршен директор на компанијата за централна и источна Европа и прв човек на канцеларијата во Прага, изјави дека, како и многу локални фестивали, Пиран идеја ја нагласува културата на регионот преку неговите креативни идеи, а голем дел од нив не би се развиле на друго место.

Тој специјално ја издвои кампањата на Њу момент – њу идеас од Скопје, „10 метри одвоени“, со којшто Young and rubicam го освои првиот титаниумски лав на фестивалот на креативноста во Кан. Спотот беше изработен за Владата на Република Македонија и со него се промовира мир и разбирање меѓу муслиманите и христијаните преку заедничка молитва.

“Ова е совршен пример за нашиот менталитет на „глобален бутик“. Тоа може да се случи само на мал пазар како овој. Навистина е локална, но идејата е поголема”, подвлече Хавличек.

И тој и Сакан повторија дека тоа што регионот на централна и источна Европа годинава освои пет лавови во Кан, за разлика од еден лани, е доказ за подобрувањето на креативното педигре на оваа географска област.

“Ќе го искористам цитат „локална роза што мириса глобално“. Тоа е нешто кон кое секогаш се стремиме”, изјави Жарко Сакан.

Создаден во 2000 година фестивалот Пиран идеја има за цел да ги инспирира луѓето да го достигнат својот целосен креативен потенцијал и во исто време им дава шанса нивната работа да биде оценета од високонаградени креативци на оваа глобална компанија. Изминативе 13 години фестивалот беше домаќин на 700 делегати од 45 земји.