До крајот на годинава Агенцијата за катастар на недвижности ќе воспостави современа гравиметриска мрежа на територијата на целата држава. Ваков вид на мрежа се воспоставува првпат, а во иднина ќе биде основа за спроведување разни видови гравиметриски премерувања.
Според директорот на Агенцијата Славче Трпевски македонската економија во иднина ќе има голема корист од реализацијата на овој проект.
Како што информира Трпевски, податоците од гравиметриските мерења, сами или во комбинација со други, ќе може да се користат во рударството при истражување рудни богатства, природен гас и нафта, геологијата за откривање подземни шуплини, пештери, хидрологијата при лоцирање подземни води, сеизмологијата за следење на промените на земјините маси при потреси и во инженерството при проектирање и изведба на капитални проекти, патна и железничка инфраструктура, тунели, мостови, брани.
Според склучениот договор воспоставувањето на основната гравиметриска мрежа чини 52.000 евра, а планираниот буџет за спроведување на гравиметрискиот премер што треба да се врши наредната година изнесува 300.000 евра. За два дена ќе стартуваат мерењата со изнајмени два инструменти – гравиметри со оглед дека нивната набавка е скапа, односно еден чини над 100.000 долари.
Стручниот советник во Катастарот, Саше Димевски, најави дека основната гравиметриска мрежа во Македонија ќе ја чинат три апсолутни гравиметриски точки во Скопје, Охрид и во Валандово и 25 релативни гравиметриски точки распространети на целата територија на државата на растојание од 30 до 40 километри.
За реализација на проектот Агенцијата за катастар на недвижности ангажираше меѓународни експерти кои први изготвија студија за воспоставување на основна гравиметриска мрежа и вршење гравиметриски премер, а потоа и проект за нивна реализација.
Преку гравиметриските мерења се врши одредување на забрзувањето на силата на земјината тежа и неговите промени во просторот и времето.