Грчки инвеститори сакаат да градат гасна централа во Македонија

236

Снабдување со лигнит и јаглен од рудниците во Грција во следниот период, снабдување со мазут, но и можност за грчка инвестиција со изградба на гасна централа до 200 мегавати, соопшти премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски од Атина, по средбата со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис

„Денес имавме неколку конкретни теми на кои разговаравме и на кои постигнавме договор со Република Грција. Прво снабдувањето со лигнит и јаглен којшто доаѓа од рудниците во Грција ќе се одвива непречено во текот на целиот период, четвртиот квартал оваа година и првиот квартал идната година, со што ќе можат да бидат ставени во непречено функционирање производствените капацитети на јаглен во РЕК „Битола” и во РЕК „Осломеј”, соопшти Ковачевски.

Втората тема на која е постигнат договор е непречено снабдување со мазут преку Грција со цел непречено да може да функционира ТЕЦ „Неготино”, со што ќе обезбеди снабдување на електрична енергија, исто така, и од овој капацитет.

За конкретните договори за снабдување со лигнит, јаглен и мазут преку Грција, потенцираше дека доколку има било какво ограничување за Грција, тоа нема да влијае на нас.

„Втората тема се големите проекти кои се однесуваат на енергетската трансформација, прво во однос на изградбата на гасоводот преку Грција, интерконекторот Евзони до Северна Македонија, односно до Неготино, веќе е отпочната процедура за маркет тест којашто треба да ја покаже економската исплатливост на оваа инвестиција и со оглед на тоа дека веќе има понуди за закупување на капацитети на овој гасовод, доколку се тече според планот, би требало изградбата да почне до крајот на годината.

Втората најавена инвестиција од страна на грчки инвеститори е големата гасна централа со капацитет до 200 МВ која што тие изразија желба да ја градат во Северна Македонија. Веќе се отпочнати анализи и штом ќе бидат завршени ќе може оваа голема инвестиција да биде претставена на Влада и во Собранието како стратешка инвестиција која ќе треба да обезбеди дополнителни количини на електрична енергија за Република Северна Македонија, меѓутоа и за регионот“, посочи Ковачевски.

Третата тема на која разговаравме, тоа е проектот „Чебрен” за кој веќе е отпочната процедура и после голем број на неуспешни обиди да има понуда и инвеститор кој е заинтересиран за изградба конечно овој пат имаме понуда која е од ППС, грчката компанија. Таа ќе помине низ нормално филтрите на евалуација од страна на комисија која што тоа го работи во рамки на нашите институции. И доколку евалуацијата покаже соодветност на понудата со очекувањата тогаш, исто така, до крајот на годината може да очекуваме потпишување и на договор за изградбата на овој би рекол најголем енергетски капацитет во регионални рамки кои би се градел, рече Ковачевски.