Грчки план за штедење: Операција термостаст

159

Грчката влада го претстави планот кој има за цел да ја намали потрошувачката на енергија.

Планот, наречен „Операција термостат“, поставува насоки за намалување на потрошувачката на енергија и нуди парични стимулации за државните субјекти кои ја намалуваат потрошувачката на енергија.

Министерот за животна средина и енергетика Костас Скрекас и заменик-министерот за финансии Тодорос Скилакакис претставија план кој се фокусира главно на потрошувачката на енергија во јавните згради и предвидува клима уредите да не бидат под 27 степени Целзиусови во лето, а не над 19 степени во зима.

Со итна имплементација, целта е да се намалат трошоците за 10% во 2022 година, додека до 2030 година целта е да се зголеми на 30%. Јавната потрошувачка на енергија годинава се очекува да достигне 1,165 милијарди евра (пред да се спроведат мерките), а бенефитот од усвојувањето на мерките се проценува на стотици милиони, пренесува порталот Keep Talking Greece.

Истовремено, Владата ја објави програмата „Electra“ за енергетска надградба на јавните објекти со буџет од 640 милиони евра. Целта е да се намали потрошувачката на зградите за 30% преку интервенции како што се замена на прозорци, модернизација на системите за греење и ладење, инсталација на единици за ОИЕ и складирање на енергија.

Пакетот итни мерки за заштеда на енергија за летната сезона, кога е се поголема употребата на клима уреди, опфаќа и намалување на потрошувачката на електрична енергија за улично осветлување.

Бидејќи не постои директен начин за контрола на температурата на клима уредите, одговорот на владините препораки ќе се оценува со споредување на сметките за електрична енергија за референтниот период (на пр. јули-август 2022 година) со соодветните два месеци од претходната година.