Грчки Wind Hellas стана дел од United Group

126

United Group соопшти дека е завршена аквизицијата на грчкиот телекомуникациски оператор Wind Hellas.

Групацијата досега има инвестирано 1,4 милијарди евра на грчкиот пазар и ќе инвестира најмалку дополнителни 1,3 милијарди евра во следните пет години во оптичката мрежа, услугите на Pay-TV и 5G мрежата. Ова е една од најголемите инвестиции во Грција во последните години.

„Стекнувањето на Wind Hellas претставува значајна пресвртница за United Group и телекомуникацискиот пазар во Грција. Ова е уште еден чекор да им обезбедиме на клиентите во таа земја најдобри производи и услуги што може да ги понуди нашата индустрија“, рече извршниот директор на United Group, Викторија Боклаг.

„Преку инвестиции и примена на нашата експертиза од сите осум пазари на кои работи Групацијата, ќе можеме да обезбедиме врвни производи и најдобро корисничко искуство на резиденцијалните клиенти и компаниите во Грција“, заклучува Боклаг.

На овој начин, Групацијата ја прошири понудата на услуги во Грција за уште 3,4 милиони клиенти, со што бројот на клиенти на United Group во таа земја се искачи на 4,7 милиони или вкупно 15,2 милиони. United Group, со седиште во Холандија, е водечки телекомуникациски и медиумски оператор во Југоисточна Европа.

United Group влезе на грчкиот пазар во 2020 година со преземањето на Nova. Оттогаш, ја ребрендираше компанијата и ја воведе најпопуларната ТВ платформа во регионот ЕОN, со цел да ја зајакне својата позиција на локалниот пазар. Од купените компании Wind Hellas и Nova во Грција, United Group ќе создаде конвергентен оператор со цел да стане втор на пазарот.