Грчките работници во транспортниот сектор штрајкуваат, возовите и бродовите не сообраќаат

11

Грчките работници во транспортниот сектор денеска штрајкуваат за повисоки плати, па бродовите останаа закотвени во пристаништата, а железничкиот сообраќај е во прекин.

Возачите на автобуси и таксистите се приклучија на прекинот на работата, така што многу патишта во центарот на Атина беа пренатрупани бидејќи работниците со сопствен превоз се движеа до работа, пренесува Ројтерс.

Работниците се приклучија на еднодневниот штрајк на најголемиот синдикат на грчкиот приватен сектор ГСЕЕ, кој наведува дека платите на работниците во Грција сè уште заостануваат зад оние во остатокот од Европа, пренесува Танјуг.

Грција овој месец ја зголеми минималната месечна бруто-плата за 6,4 отсто на 830 евра, што е четврто зголемување по ред во последните пет години.

Работниците во Грција, сепак, тврдат дека зголемувањето на платите не е доволно за покривање на зголемените цени на храната и становите.

„Пораката е јасна. Работниците не можат да врзат крај со крај со многу ниски плати и зголемени цени“, се вели во соопштението на синдикатот ГСЕЕ, кој ги застапува интересите на околу 2,5 милиони работници во Грција.