Грција дава до 10.000 евра за преселба во пограничните региони

Грчката држава ќе обезбеди финансиска помош до 10.000 евра за семејствата кои ќе одлучат да се преселат во пограничните области, објавија грчките медиуми.

Во октомври ќе започне со работа посебна платформа за поднесување барања за преселба.

Платформата е дел од сеопфатна иницијатива за обезбедување стимулации за демографски развој и поддршка за пограничните области.

Во интервју за ТВ Антена, министерката за социјална кохезија и семејство, Домна Михаилиду, изјави дека програмата за демографски развој, започната во регионот Еврос, кој граничи со Бугарија и Турција, се проширува.

– Во октомври лансираме платформа и ќе обезбедиме до 10.000 евра за преселба на семејства во пограничните области – рече Михаилиду.

Иницијативата е наменета и за грчки граѓани кои моментално живеат во странство и сакаат да се вратат во својата татковина.

На пример, оние кои сакаат да се населат на островот Кастелоризо во Егејското Море, покрај брегот на Турција, ќе добиваат годишна финансиска помош од 5.000 евра.

За секое дете, семејствата ќе добијат дополнителни 1.000 евра.

Планирано е отворање градинки и училишта, а ќе има и дополнителни стимулации за најбараните специјалисти, како што се лекарите.