Грчката влада го финализираше контроверзниот план за преместување на државните службеници, што беше еден од условите земјата да добие нови средства од Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд.
“Донесовме конечна одлука што ќе ни овозможи да го спроведеме преместувањето на 12.500 државни службеници до крајот на септември според планот“, изјави грчкиот министер за административни реформи Киријакос Мицотакис, пренесува Франс прес, пишува Б92.
Според најновиот план, работниците мора да ги прифатат работните места кои ќе им бидат понудени или да поминат осум месеци со помала плата и барајќи ново работно место.
За да добие финансиска помош, Грција се согласи до крајот на септември да размести 12.500 државни службеници, уште толку до крајот на годината, а до истекот на оваа година треба од јавниот сектор да отпушти 4.000 вработени.