Грција планира да воведе данок од 15 проценти на профитот од тргување со криптовалути

Грчката влада се подготвува да воведе данок од 15 проценти на профитот од тргување со криптовалути.

Според анонимни информирани извори, Грција во моментов нема сеопфатна законска рамка за оданочување на криптовалутите, поради што Министерството за финансии работи на нов закон што треба да биде испратен во парламентот во наредните месеци, објавува Ројтерс.

„Целта е да се вклучат криптовалутите во даночниот систем на земјата“, изјави висок функционер на грчката влада кој зборуваше под услов да остане анонимен.

Според достапните информации, новиот данок нема да се однесува на индивидуално рударење криптовалути, туку само на компании регистрирани за оваа намена, а данок нема да се плаќа за првите 500 евра профит.

Оданочувањето на криптовалутите значително варира меѓу земјите од Европската Унија.

Даночните стапки на капитална добивка од дигитални средства се движат од околу осум проценти на Кипар до 30 проценти во Франција, додека единствен европски систем за оданочување на криптовалутите сè уште не постои.

Засега, грчките власти немаат проценка колку дополнителни приходи би можел да донесе новиот данок во буџетот.

Повеќето инвеститори во криптовалути користат платформи регистрирани надвор од Грција, па затоа е тешко да се процени вкупната вредност на пазарот.

Фото: Pixabay