
„Нема да има никакво поскапување на цените на картите за траект, ниту сега, ниту во текот на летната сезона“, изјави министерот за поморство на Грција, Василис Кикиљас, пренесе дописничката на МИА од Атина.
Вчера, стапија на сила новите прописи на ЕУ кои воведуваат дополнителни давачки за бродските компании, поради користењето на поеколошки горива. Ова предизвика најави за зголемување на цените на билетите за траекти, но грчката Влада, со цел да ги задржи постојните цени, ги намали пристанишните такси за 50 проценти.
„Од денеска, 1 мај, цените на картите за траекти ќе се зголемеа, но ние ги намаливме пристанишните такси за 50 отсто и ги одржавме ниските цени на билетите за да може секое грчко семејство да патува до нашите острови“, напиша Кикиљас на социјалните мрежи.
Во исто време, тој објави и информации и споредби на цените, сега и во случај да имало зголемување на цените за 12 или 15 отсто.
Картата за градот Ираклио на Крит чини 41 евро, а доколку се воведоа зголемувањата, би чинела 45,92 или 47,15 евра. За Санторини, цената од 59 евра би се зголемила на 66,08 или 67,85 евра, а за Карпатос, од сегашните 93 евра, би била 104,16 или 106,95 евра.