Грција удира по работата на црно со дигитална картичка

Грција дигитализира – нема веќе непријавени работници

Откако ја најде својата примена преку пилот проект во банки, супермаркети, осигурителни компании, фирми за обезбедување, јавни претпријатија, индустрија и малопродажба, дигиталната работна картичка во Грција стана задолжителна и во секторот туризам и угостителство.

Со картичката, чија употреба треба да обезбеди правична исплата на вработените и да ја спречи работата на црно, од 1 март грчкото Министерство за труд се обидува да воведе ред во делот од економијата кој е најпроблематичен во сите туристички земји, пишува Блиц.

Според последните податоци на информативниот систем ЕРГАНИ, во секторите каде картичката е веќе имплементирана, е забележан пораст на пријавени прекувремени часови за повеќе од 815.000 часа во однос на периодот пред нејзиното воведување.

Во моментов со овој систем веќе се опфатени 750.000 вработени, а по вклучувањето на туризмот и угостителството, бројот на заштитени работници ќе се зголеми на околу 1,5 милиони, а вкупниот број на компании кои го применуваат системот ќе надмине 150.000.