Грција во декември ќе добие 34 милијарди евра помош

55

Министрите од еврозоната и Меѓународниот монетарен фонд се договорија до 2020 година грчкиот долг да го намалат на 124% БДП.

По 12 часа преговарање, министрите за финансии од еврозоната и ММФ најдоа заедничко решение, па во декември ќе почне да и се исплаќа финансиската помош на Грција.

“Еврогрупата заклучи дека се стекнати услови за започнување национални процедури за деблокада на идната транша помош од фондот за поддршка на еврозоната во износ од 43,7 милијарди евра”, стои во соопштението.

Во декември ќе бидат исплатени 34,4 милијарди евра, а остатокот од скоро 10 милијарди во три оброка во првото тримесечје на 2013 година, под услов Грција да ги спроведе ветените реформи, додаваат министрите.

Грчкиот премиер Андонис Самарас задоволен од договорот изјави дека се добро се завршило и дека утре почнува нов ден за сите Грци.

“За еврозоната ова беше прв вистински тест на нашите способности да донесуваме одлуки за најтешките прашања”, оцени еврокомесарот за економски прашања, Оли Рен.

Директорката на ММФ, Кристин Лагард по состанокот изјави дека Грција повторно е на “пат на стабилен долг”.

“ММФ сакаше еврозоната да донесе неопходни мерки за да ја врати Грција на патот на стабилен долг. Денес можам да кажам дека тоа е направено”, изјави Лагард.