Грците повеќе ги загрижува поскапувањето отколку пандемијата

86

Грците, во нивното секојдневие, изразуваат поголема загриженост за зголемувањето на цените, отколку за пандемијата и мнозинството сметаат дека е потребно Владата да донесе дополнителни мерки за справување со поскапувањата, согласно резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.

Од анкетираните, 85 отсто изразиле загриженост за зголемувањата на цените на електричната енергија и на производите, за 45 проценти најголем проблем е струјата, додека пак мерките што досега ги воведе Владата, за 45 отсто се во погрешна насока, а за речиси четворица од десет (38 проценти) се во правилна насока, но потребни се и други мерки.

Пандемијата предизвикува загриженост за 54 отсто од анкетираните, а 77 отсто изразуваат загриженост за последиците од војната во Украина.

Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“ било спроведено од 27 до 29 март, со анкетирани 1.207 граѓани со право на глас.