Грешки!

39

greski

Фото: Pixabay

Дали правите грешки?

Дали ги признавате грешките?

Дали се извинувате?

Дали сте свесни за нив?

Дали ги поправате?

Дали ги обвинувате другите?

Сите ние правиме грешки. Како што вика Ајнштајн „некој што никогаш не направил грешка, не пробал да направи ништо ново”. На сите ни се случило да направиме грешки, професионално или приватно. Но, она што нè прави различни, е како реагираме на грешките и како се справуваме со новонастанатата ситуација.

Пред да видиме што може да се направи, доколку ви се случи грешка, мора да знаеме зошто воопшто се случуваат грешки. Според дефиниција „грешка претставува пропуст во некоја акција, калкулација, мислење или осуда, која се случува поради слабо резонирање, невнимателност или недостаток на знаење”. Ние не треба само да мислиме како да ги поправаме/решиме грешките, туку треба да се соочиме со нив. Да видиме од каде потекнуваат и што е тоа длабоко во нас, што нè поттикнува да правиме грешки. Дали е мрзеливост и невнимателност или не ни се мисли многу кога работиме, или, пак, се соочуваме со недостаток на знаење во дадените ситуации.

Доколку веќе сме направиле грешка, ова се некои од работите што може да ги направите:

  1. Прифаќање на грешката: дали сте свесни дека сте направиле грешка? Многу често ние не сме свесни за грешката и ги обвинуваме другите дека се виновни за нашиот пропуст. Прво, нешто мора да прифатиме и да признаеме дека сме згрешиле. Да преземеме одговорност за грешката. Прифаќањето т.е. неприфаќањето е директно поврзано со егото. Нам егото не ни дозволува да признаеме дека сме згрешиле, бидејќи тоа значи пораз/смрт за егото.
  2. Извинување: извинувањето во која било ситуација (освен ако не е про-форма) е карактеристика на силните карактери. Ние многу ретко знаеме да се извиниме. Може ќе признаеме дека сме згрешиле, но да се извиниме може да ни биде голем проблем. Некој мислат дека извинувањето е одраз на слабост и потчинетост. Но, и тоа е повторно во релација со егото. Егото има проблем со извинувањето, не вие!
  3. Простете си за грешката: сите работиме и сите грешиме. Кога ќе направиме грешка не значи дека е крај на светот. Често знаеме (во зависност од карактерот на човекот) да се казнуваме за своите грешки и да си ставаме дополнителен товар на веќе комплицираната ситуација. Поважно е да се соочиме со проблемот, да го решиме и да научиме како во иднина да не ја повториме истата грешка.
  4. Решете го проблемот: најважно е да го решите проблемот, и тоа самите. Направете сè што е во ваша можност и коригирајте ја грешката. Гледајте да го намалите ангажирањето на дополнителни ресурси (луѓе, пари, материјал итн.) на што поголем минимум. Кога веќе е направена грешка и потрошени се средства, секое дополнително ангажирање е дополнителен трошок.
  5. Анализа на ситуацијата: откако сте го решиле проблемот, направете самоанализа и воочите зошто дошло до грешка. Кој фактор влијаел на вашата одлука. На тој начин се соочувате со проблемот и го наоѓате изворот на проблемот. Така, минимална е веројатноста да ја направите истата грешка повторно .

Со успех во промените.