
Ми претставува чест да споделам дека Grouper стана член на Payten (дел од полската групација Аsseco SEE) фамилијата, напиша Нина Ангеловска на Facebook
“Низ годините Grouper растеше, се менуваше постојано и постигна многу. Но има уште многу простор за раст и натамошен напредок кој веруваме дека полесно ќе го оствари како дел од меѓународна групација. Оваа аквизиција за нас значи многу повеќе – тоа е признание на нашата напорна работа, посветеност и на досегашните успеси, но воедно претставува одлична можност за целосна реализација на потенцијалот на Grouper“, стои во статусот на Ангеловска.
Payten, провајдерот на целосни софтверски решенија за платежната индустрија, е дел од ASSECO групацијата – една од водечките софтверски компании во Европа, која од неодамна значајно го шири бизнисот со вклучување на компании во доменот на развој на софтвер за платежни солуции во Европа и пошироко. Покрај платежните солуции, инвестициите и ширењето во е-трговија како стратешката определба е во фокус веќе извесно време, аGrouper е првата e-commerce платформа од регионот која стана дел од групацијата.
“После 10 годишен значаен придонес и развивање на е-трговијата како водечка компанија, верувам дека на Grouper му претстои уште побрз раст, нови предизвици, пријателства, соработки и уште многу успеси, сега како дел од меѓународна групација“, додава Ангеловска.
Фото: Facebook