Грција ги обвини меѓународните компании за наметнување високи цени и воведе контроли

22

Грчката влада во средата објави дека ќе воведе контрола на цените на млекото во прав за бебиња, обвинувајќи ги меѓународните добавувачи за наметнување на неразумно високи цени на Грција.

Ограничувањето на профитот од седум проценти на млекото во прав стапува на сила во март и следи по серијата слични акции воведени во изминатите две години за основните артикли, пренесува Бета.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ги обвини големите синџири на супермаркети дека користат висока инфлација за уште повеќе да ги зголемат цените.

„Постојано применуваме нови политички инструменти додека сите – особено мултинационалните компании не разберат дека Грција не е банана република и дека „инфлацијата на алчноста“ не може да се толерира“, рече премиерот.

Според официјалните проценки, инфлацијата во земјите што го користат еврото во декември по падот за седум месеци се зголемила на 2,9 отсто, додека грчката стапка е 3,7 отсто.

Во последниве месеци, грчките власти наметнаа казни до 1 милион евра за големите меѓународни компании за кои рекоа дека ги прекршуваат владините ограничувања за дополнителен профит, пренесува Бизнис.рс.