Грција го зголемува инвестицискиот праг за златни визи за странците

37

Грција ќе го услови издавањето „златни визи“ за странците со поголеми инвестиции во недвижности во градовите и островите, каде побарувачката е голема, изјави во петокот премиерот Киријакос Мицотакис.
Грција ја воведе програмата „златна виза“ во 2014 година, нудејќи им на странците петгодишна дозвола за престој, со можност за продолжување, доколку инвестираат најмалку 250 илјади евра во недвижен имот.

Минатата година беше зголемен прагот на 500 илјади евра за инвестиции во недвижнини во одредени делови на Атина и Солун и на островите Миконос и Санторини, главни туристички дестинации.

Говорејќи во парламентот во петокот, Мицотакис рече дека владата ја разгледува можноста за постојано зголемување на прагот за одредени урбани области и за острови, без да прецизира на кои места.

„Со министерот за финансии разговараме за повторното значително зголемување на инвестицискиот праг за „златната виза“ и мислам дека многу брзо ќе излеземе со одлука“, рече Мицотакис.

Прагот може да достигне 800 илјади евра, додаде грчкиот премиер.

Од 2018 година, Грција има издадено нешто повеќе од 17.500 златни визи, според најновите достапни податоци на Министерството за миграција, а 61 отсто од нив биле дадени на кинески државјани.

Покрај престојот во Грција, „златната виза“ овозможува и патување во Шенген зоната во ЕУ.