Груевски: Растот на БДП е резултат на добрите придвижувања во економијата

25

Според премиерот Никола Груевски, најновите предвидувања на Народната банка за растот на бруто домашниот производ се показател за добрите придвижувања на економијата оваа година.

Тој смета дека позитивните движења ја изненадија Централната банка, ММФ и меѓународните институции. Сега сите вршат одредени поместувања на проекциите затоа што досегашните предвидувања се реализираа повеќе од очекуваното.

“Централната банка претходно предвидуваше 2,3%, но сега ја помести проекцијата на 3,3% раст. Поместена е проекцијата и за следната година од 3,1% на 3,7%, а за 2015 предвидениот раст е 4,4%. Во првите два квартала растот е околу 3,3% што укажува дека трендот е подобар, економијата доживеа побрзо раздвижување и анимирање. Иако ризици се уште постојат поради актуелната европска должничка криза, перспективите за Македонија се подобри и од тој аспект Централната банка ја изврши корекцијата“, изјави Груевски.

Промените во прогнозите, според Груевски, воедно се резултат на мерките што ги презема Владата за подобрување на економијата, бизнис климата, привлекувањето странски инвеститори, поддршката и помагањето на домашните компании да дојдат до поевтини кредити.

Народната банка пред неколку дена излезе со нови пооптимистички проекции за економјата. Како главни причини за корекција  на макроекономските проекции на НБМ  се добрите остварувања во првата половина од годинава, извозот креиран од новите странски и јавни инвестиции, како и придвижувањето на личната потрошувачка.

Централната банка очекува главни носители на економскиот раст да бидат извозниот сектор, инвестициите и домашната побарувачка која од годинава бележи заживување.