Група богати земји откупиле повеќе од половина од потенцијалната вакцина против коронавирус

52

Богатите земји, вклучувајќи ги САД, Велика Британија и Јапонија, веќе откупија повеќе од половина од дозите на потенцијалната вакцина против коронавирус, соопшти меѓународната непрофитна организација за борба против сиромаштијата Oxfam.

Овие земји претставуваат 13% од светската популација, но откупиле 51% од идните резерви од вакцините, пишува во извештајот.

Oxfam користела податоци собрани од аналитичката компанија Airfinity за да ги анализира објавените зделки меѓу владите и компаниите кои работат на развој на вакцината.

Во извештајот се опфатени пет компании: AstraZeneca, Gamaleya/Sputnik, Moderna, Pfizer и Sinovac, кои имаат комбиниран производствен капацитет за да направат 5,9 милијарди дози што е доволно да се вакцинираат скоро три милијарди луѓе, а тоа е помалку од половина од светската популација, ако на сите им требаат две дози.

Во извештајот на Oxfam се вели дека веќе се направени договори за снабдување за 5,3 милијарди дози, од кои 2,7 милијарди (51%) се купени од развиени земји и територии вклучувајќи ги: Велика Британија, САД, Австралија, Хонг Конг, Макао, Јапонија, Швајцарија и Израел, како и Европската унија. Останатите 2,6 милијарди дози ги откупиле или им се ветени на земјите во развој, вклучувајќи ги Индија, Бангладеш, Кина, Бразил, Индонезија и Мексико.

“Пристапот до вакцина за спасување на живот не треба да зависи од тоа каде живеете и колку пари имате“, рече Роберт Силверман од Oxfam.

Фото: Pixabay