Групација Триглав со раст на осигурителната премија на македонскиот пазар

55

triglav-580x341

Групацијата Триглав, водечка осигурителна и финансиска групација во Словенија и во Адриа регионот, работеше успешно во првата половина на 2015 година. И покрај тешките услови на пазарите кадешто работи, во споредба со истиот период минатата година, Групацијата оствари раст од 4% во бруто полисираната премија од осигурување, која изнесува 507,8 милиони евра. Првата половина на годината, Групацијата ја заврши со нето добивка од 53,6 милиони евра, што е за 5% помалку отколку во истиот период минатата година, додека комбинираниот коефициент се подобри и изнесува 93,6%.

Триглав Осигурување Скопје постигна извонредни резултати во првата половина на 2015 година. Компанијата ја зацврсти својата водечка позиција со зголемување на пазарниот удел за 5,4%, во споредба со истиот период минатата година, достигнувајќи 17,61%. Во дадениот период, Триглав оствари речиси 13% повисока бруто полисирана премија во однос на првата половина на 2014 година, достигнувајќи 11 милиони евра во премии, со што постигна многу поголем раст отколку самиот осигурителен пазар, чијшто раст, споредено со истиот период минатата година изнесуваше 7,11%. Покрај тоа, Триглав и понатаму е лидер на македонскиот пазар во бруто исплатени штети, што е потврда на ефективноста на усвоените интерни процеси, како и на експертизата на вработените.

Имајќи го предвид зголемениот интерес за приватно здравствено осигурување, во април оваа година Триглав Осигурување на пазарот воведе нов производ во сегментот на доброволното приватно здравствено осигурување, Осигурување на специјалистичко-амбулантно лекување. “Ова е исклучително конкурентен и достапен производ, кој обезбедува врвна здравствена заштита, покривајќи ги трошоците за здравствени услуги во доменот на специјалистичките третмани. Изборот на поздрав начин на живот значи носење правилни одлуки за негова заштита, а ние сме убедени дека доброволното здравствено осигурување е првиот чекор кон обезбедување подобра грижа за себе и  за нашите најблиски”, изјави Сања Танчевска, извршен директор на Триглав Осигурување Скопје.

Во Словенија, во споредба со првата половина на минатата година, Заваровалница Триглав фактурираше 1% пониска бруто премија од осигурување, во износ од 333,9 милиони евра. Премијата од имотно осигурување, што претставува речиси 73% од осигурителната премија, се намали за 2%, додека премијата од животно осигурување се зголеми за 5%. Премијата на Триглав, Здравствена Заваровалница (здравствено осигурување) е за 1 % повисока во однос на истиот период минатата година.

Во другите пет држави на Адриа регионот, во кои дејствува Групацијата Триглав, сите зависни осигурителни компании остварија раст на премиите во споредба со првата половина на минатата година. Најголем пораст, и тоа од 39% е остварен на српскиот пазар. На македонскиот пазар, како што беше споменато погоре, порастот изнесува 13%, во Хрватска 7%, а во Црна Гора 5%. На пазарот во Босна и Херцеговина, друштвото во Сараево оствари раст од 9%, а друштвото во Бања Лука од 2%.