Групацијата Триглав во 2015 година го продолжи своето работење во согласност со своите стратешки насоки, коишто се темелат на профитабилноста и безбедноста во работењето, како и на зачувување на финансиската стабилност, се вели во соопштението.
Во споредба со 2014 година, бруто полисираната премија од осигурување и соосигурување на Групацијата Триглав се зголеми за 3%, на 919,1 милион евра, како што прикажуваат неревидираните податоци за работењето на Групацијата Триглав и матичното друштво во 2015 година. Комбинираниот количник е за 3,5 процентни поени подобар од планираниот и покажува подобрување споредено со 2014 година (92,8%), додека нето добивката на Групацијата е за 4% повисока отколку таа во 2014 година и изнесува 88,9 милиони евра.
Значаен ефект на минатогодишните деловни резултати на Групацијата Триглав, освен преземањето на компанијата Скупина Покојнинска Дружба, имаа и растот на премијата на пазарите надвор од Словенија, отсуството на масовни штетни настани и не многу поволната ситуација на пазарот на капитал.
Стратешкиот фокус на осигурителниот бизнис ги донесе посакуваните резултати. Заради понатамошна консолидација на словенечкиот пазар и дополнителен развој на Групацијата Триглав, посебно внимание се посвети на областите на здравственото и пензиското осигурување. Групацијата Триглав, како водечка осигурително – финансиска групација во Словенија и во регионот Адриа во 2015 година ја презеде Скупина Покојнинска Дружба, којашто е вториот по ред најголем понудувач на доброволни пензиски осигурувања на словенечкиот пазар. Останати фактори коишто значајно влијаат на минатогодишните деловни резултати се: раст на премија на пазарите надвор од Словенија, отсуство на масовни штетни настани и не толку поволната ситуација на пазарот на капитал.
Групацијата обезбеди 919,1 милион евра бруто полисирана премија од осигурување и соосигурување, што е за 4% повеќе од планираното и за 3% повеќе од минатата година. Премијата на матичното друштво достигна 586,3 милиони евра (за 1% помалку од 2014 година). Бруто исплатените штети на Групацијата (594,8 милиони евра) се за 3% помали од тие во 2014 година, а штетите на матичното друштво (390,6 милиони евра) се за 7% помали. Бруто оперативните трошоци од осигурување на Групацијата останаа на скоро исто ниво како минатата година (231,6 милиони евра), додека трошоците на матичното друштво се за 1% помали (161 милион евра).
Доброто работење во основната осигурителна дејност придонесе кон подобрување на комбинираниот количник на Групацијата и на матичното друштво. Комбинираниот количник на Групацијата Триглав се намали на 92,8% и е за 3,5 процентни поени подобар од планираниот, како и од постигнатата вредност во 2014 година, а за 2 процентни поени подобар од долгорочната просечна целна вредност (95%). Исто така се подобри и комбинираниот количник на матичното друштво, којшто изнесува 86,2%, што е за 8,5 процентни поени подобро од 2014 година.
Деловните резултати се подобри од тие во 2014 и од планираните. Добивката пред оданочување на Групација Триглав во висина од 102,5 милиони евра е за 2% повисока од минатогодишната. Нето добивката на Групацијата во висина од 88,9 милиони евра е за 4% повисока од таа во 2014 година. Заваровалница Триглав 2015-та година ја заврши со 68,4 милиони евра добивка пред оданочување (19% повисока од таа во 2014 година), како и нето добивка од 58,5 милиони евра, која што е за 28% подобра од 2014 година. Групацијата оствари 12,8% профитабилност на капиталот, а матичното друштво 10,9%.
Со 36% пазарен удел, Групацијата Триглав убедливо ја потврди водечката позиција на словенечкиот пазар на осигурување. Покрај матичното друштво, на словенечкиот осигурителен пазар исто така делуваат и Триглав Здравствена Заваровалница и новото зависно друштво, Скупина Покојнинска Дружба. Во Словенија, во делот на неживотни осигурувања Групацијата Триглав има пазарен удел од 44%, во делот на животни осигурувања 35%, а на пазарот на здравствени осигурувања има удел од 23%.
Групацијата Триглав ја зајакна својата положба на пазарот надвор од Словенија во сите пет држави во кои што е присутна.
Високиот кредитен рејтинг е една од најзначајните стратешки цели на Групацијата Триглав. Таа цел, компанијата повторно ја достигна во 2015 година. Двете агенции, Standard & Poor’s и A.M. Best ја потврдија оценката за кредитен рејтинг А-, потврдувајќи ги финансиската моќ и успешното работење на Групацијата. Оценките се рефлексија на високата профитабилност од работењето, солидната капитална адекватност, соодветно управување со ризици и високиот степен на ликвидност. Standard & Poor’s во 2015 година ја подобри својата среднорочна прогноза од стабилна во позитивна, а агенцијата A.M. Best ја потврди својата досегашна позитивна прогноза.
На високото ниво на финансиска стабилност укажува и зголемувањето на целокупниот капитал за 2% (704 милиони евра), како и бруто технички резерви на Групацијата (2.600,4 милиони евра), зголемени за 11%. Двете категории се гаранција и основ за балансирано работење и за обезбедување на долгорочна безбедност на осигурениците.
Андреј Слапар, претседател на Управата на Заваровалница Триглав, изјави: Минатата година работата на Групацијата Триглав беше одбележана со добри перформанси, потврден висок кредитен рејтинг и високи исплати на дивиденди на нашите акционери. Значаен настан преставуваше преземањето на Скупина Покојнинска Дружба, а со тоа и јакнењето на нашето присуство на пазарот на пензиски осигурувања во Словенија. Успешно ги завршивме нашите развојни активности за воведување и остварување на барањата произлезени од Солвентност II. Тоа на осигурителниот бизнис во Европската Унија му носи промена во самата култура на работење, со тоа што бара вреднување на влијанието на поедини деловни одлуки врз профилот на ризикот во осигурителната компанија, на нејзиниот капитал и финансиска состојба. Ова бара поголем фокус на проактивно управување со сите ризици на кои што е изложена компанијата, а не само на досегашната усогласеност со регулативата. Групацијата Триглав се прилагоди на новите барања и продолжува да обезбедува соодветна капитална адекватност и преку новите методи на калкулација.