Групацијата Триглав ја зголеми финансиската стабилност во 2014 година

32

triglav

Групацијата Триглав во 2014 година работеше добро и го задржа високото ниво на финансиска стабилност, стои во соопштението на компанијата.

И покрај сѐ посложената деловна средина, групацијата Триглав ја зајакна својата водечка позиција на словенечкиот пазар на осигурување, притоа зголемувајќи го пазарниот удел за 0,3 процентни поени на 36,1%. Во извонредните околности на пазарите на капитал, коишто овозможија многу висок поврат на финансиските инвестиции, групацијата ја заврши годината со нето профит од 85,7 милиони евра, остварувајќи 23% повеќе споредено со претходната година. Групацијата забележа поврат на капиталот од 13,4% надминувајќи ја на тој начин планираната стратешка вредност, којашто е цврсто поврзана со реализацијата на визијата за развој.

Групацијата Триглав во Словенија го зајакна својот пазарен удел, којшто сега изнесува 36,1% (0,3 процентни поени повеќе споредено со 2013 година). Во Словенија, во доменот на животно осигурување го зголеми својот пазарен удел за 0,1 процентен поен, на 32,7%, додека пак во доменот на неживотно осигурување пазарниот удел изнесува 37,4% односно 0,3 процентни поени повеќе споредено со 2013 година.

На работењето на Групацијата во 2014 година првенствено влијаеја неповолните деловни услови на осигурителните пазари и вонредните околности на пазарите на капитал, коишто овозможија многу висок поврат од финансиските инвестиции. Групацијата 2014 година ја заврши со нето добивка во висина од 85,7 милиони евра, што е за 23% повеќе споредено со 2013 година и дури 31% над планираното. Нето добивката на Заваровалница Триглав, како матична компанија, изнесуваше 45,6 милиони евра, што е за 6% помалку од претходната година. Матичната компанија постигна поврат на капитал од 8,7%, а групацијата 13,4%.

На групацијата Триглав ѝ беше доделена висока оцена за кредитен рејтинг, “А-“, од страна на двете рејтинг агенции, Standard & Poor’s и A.M. Best, како резултат на солидната капитализација, прилагодена на ризиците, добрите оперативни перформанси и доминантната конкурентна позиција на групацијата Триглав на словенечкиот пазар. Standard & Poor’s на групацијата ѝ додели стабилна среднорочна прогноза, додека пак агенцијата A.M. Best ја унапреди среднорочната прогноза за 2014 година од “стабилна” во “позитивна”.

“2014 година беше предизвик, но сепак постигнавме одлични деловни резултати и ја одржавме финансиската стабилност. Во 2015 година имаме амбициозни планови на понатамошно консолидирање и подобрување на резултатите од работењето на осигурителните и останатите компании во групацијата Триглав. Имаме намера да ги искористиме сите можности коишто ќе ги препознаеме на некој пазар, или во некој пазарен сегмент, во согласност со стратешките цели за раст и развој на групацијата. Истовремено, продолжуваме со разумна консолидација на сопственоста на зависните друштва во групацијата, со оптимизација во управувањето со средствата во групацијата и дезинвестирање на инвестициите во сопственичките удели на компаниите, чија дејност не е во согласност со стратегијата на групацијата“, рече Андреј Слапар, претседател на Управниот одбор на Заваровалница Триглав.